Свечена академија за ,,23 октомври"

МИЦКОСКИ ЗА ОДНОСИТЕ СО БУГАРИЈА: Велат „Играте млако“, треба да знаат дека дејствуваме трпеливо и со мудрост

  • 5 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

На свечената академија по повод 23 октомври, премиерот Мицкоски се осврна на преговорите со Бугарија велејќи дека ја споделува загриженоста на секој еден, но и измореноста на сите генерации од предолгото чекање во чекалницата на ЕУ.

,,Го врвиме не само најтешкиот туку и најдолгиот пат кон ЕУ, обременет со многу откажувања, поместувања и неправедни удари. Силните го прават тоа што сакаат, а слабите тоа што мораат. И ова не е флоскула од учебниците, туку извадок од реалната политика денес. Но иако многумина веќе се скептични и уморни од услови, критериуми, билатерални спорови, ќе мора да бидеме мудри. За малите народи, иднината е во мудроста и единството. Јас на политиката не гледам како на натпревар во мускули, туку повеќе како на партија шах. И силните се победуваат со мудрост. Со мудрост може да има иднина, кога веќе природната предодреденост, поставеноста и геополитиката не нудат сила”, истакна претседателот на владата, Христијан Мицкоски.

Мицкоски потенцира дека сите грешки нашиот источен сосед низ децениите ги претвори во свои предности.

,,Многумина ќе ми кажат: „Напушти ги преговорите!“ Лесно е да се каже, но така ја отфрламе единствената шанса да влеземе во клубот и да разговараме рамноправно на истата маса. А зошто е важно да влеземе во европскиот клуб и на таа маса да разговараме рамноправно? Затоа што низ примерите на соседите кои веќе влегоа во Унијата, а се таму години пред нас и ни создаваат пречки, гледаме колку е важно да бидеме таму. Бугарија сè до нејзиниот влез немаше ниту една забелешка за добрососедските односи. Сè дотогаш не се интересираше за Бугарите, за кои таа тврди дека е многу важно да бидат дел од нашиот Устав, никој не знаеше за барем еден случај на обесправен самодеклариран Бугар во државава, иако денес лелекаат за неколку, ниту пак некој од нив велеше дека Гоце, Јане, Карев, Ѓорче се Бугари. И сè така до влезот во Европската Унија, кога влегоа во просторијата каде што не сме ние и од каде што сега ги користат сите механизми да нè закочат. Ете затоа е важно да бидеме и ние таму и таа наша борба за таа цел мора да биде исполнета со мудрост, знаење и единство. И ова не го кажувам за да ги посочам неправедните игри спрема нашата татковина, туку поради потребата да бидеме трпеливи и да играме и дејствуваме на долги стази. И затоа, кога многумина ќе кажат: „Играте млако“, треба да знаат дека дејствуваме трпеливо и со мудрост. Мојата задача како премиер не е да се занимавам со коски кои припаѓаат на минатото, туку со обезбедување иднина која им припаѓа на нашите деца. Да учиме од грешките од минатото. И затоа седнавме на маса за дијалог, од која тие долго бегаа и велеа дека тоа е невозможно. Не велам дека тоа е само мој успех, но е заеднички чекор напред”, рече премиерот.

Шефот на владата вели дека нема да падне во замка на разните служби и на провокациите, а на неразумните чекори ќе одговара со разум, на провокациите со принципи, на притисоците со отпорност и верба во она што сме и што претставуваме.

,,Не треба секогаш на прва да се реагира и јас не трчам трка на 100 метри, туку маратон, и на тој маратон нашата татковина ќе победи. И Бугарија да договори стотина како опозицијата кои ќе велат: „Бланко внеси ги Бугарите во Уставот, па после сè друго“, одговорот ќе биде дека никогаш нема да отстапам од тоа што е интерес на мојот народ, ниту има сила која ќе ме поколеба во тоа да водам исправна промакедонска политика. Затоа што за сите нив најчудно е и најголем грев е да си Македонец што се бори за македонските интереси. Може сè да ти простат, но да си свој на своето — не. И народот тоа многу добро го гледа и затоа и бројките од анкетите го кажуваат тоа. И народот знае дека тие се мекото ткиво на нашата татковина. А оние кои се шнајдери на историјата, што мислат дека со вето можат да ни ја прекројат историјата, им порачувам: нашето паметење не подлежи на нивно одобрување. Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на македонскиот народ. Затоа што Гоце е вткаен во нашата борба, во нашата слобода, во нашето постоење. Гоце е Македонија!

Премиерот од свечената академија за 23 Октомври истакна дека Балканот не е единственото буре барут, а Европа станува немирен вулкан каде што се помалку се слуша разумот, а секојдневно ги гледаме и протестите и насилството од разни облици присутни во Европа и кај нашите соседи. Според Мицкоски, службите на Балканот никогаш не престануваат да работат и нема да го зачуди доколку има и такви кои ќе се обидат да не вмешаат во нивните проблеми или да префрлат дел од нивниот амбиент во нашето секојдневие.

Според премиерот, има неколку од опозицијата, и кај Македонците и кај Албанците, што за пари и лажни ветувања за фотелја чуда умеат да прават. На дугме се управуваат и нема што не можат.

,,Многу е важно народот да е високо свесен, да не потпаѓа на разни провокации, да не се наметнуваат вештачки прашања или хиперболизирани етнички теми. На тој начин профитерите од таквите кризи нема да бидат меѓу народот, туку оние кои со децении живеат на грбот на народот. И затоа нема да дозволам никакви нечесни игри ниту авантури. И ако некој мисли дека може да си игра со државата, нека не го потценува народот. И сите нас. Македонија ќе ве победи”, истакна претседателот на владата, Христијан Мицкоски.

Најнови вести