Настаните организирани по повод 35 години независност на државата чинеле околу 5.530.000 евра, односно 340 милиони денари, објави портпаролката на Владата, Марија Митева. Од нив главнината е дивиденда на „Лотарија“ од 2024 година – 300 милиони денари, а околу 40 милиони денари се донации од општествено одговорни компании кои, како што нагласи Митева, не се криеле и јавно стоеле зад целиот настан.
„Авалон“, како организатор на прославата е носителот на дејноста, а компанијата „Стардаст” ДООЕЛ, која добила пари на име спонзорство од „Лотарија“, е само нивен правен субјект.
Митева оцени дека со прославата се покажало дека државава може да организира настани од светски размери, дури 95 насто од програмата биле македонски изведувачи и содржини.
„Приближно 95 проценти од целокупната програма беа македонски изведувачи,македонски сценски содржини, со што практично покажавме дека домашната музичка, сценска и театарска сцена има капацитет да организира и реализира содржини на ниво кое што може да биде споредувано со најголемите интернационални продукции. Сметам дека тоа е една од најзначајните пораки затоа што целта не беше само да донесеме светски имиња во Македонијa, туку да покажеме и дека македонските уметници заслужуваат голема сцена, голема публика и сериозна продукциска поддршка“, рече Митева.
Опозицијата негодува за транспарентноста и начинот на кој биле потрошени парите за Денот на независноста.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одново обвини за арамиски концепт на владеење. Посочи дека најдобар пример таквото владеење, како што рече, е начинот на кој пет милиони евра од државната Лотарија, народни пари се проневерени и потрошени за организација на прославата на независноста, а притоа не се знае ништо околу постапката и критериумите.
„Секој ден на виделина излегува по некоја нова лага на премиерот Христијан Мицкоски. Ова што се случи со проектот за прослава на независноста, како и во многу други сценарија и во други случаи, е една голема проневера на пари. Прво, лагата на премиерот, што веќе не е чудо, секој ден се разобличува по една негова нова лага, практично арамискиот концепт на владеење на оваа власт, а тоа е дека, како што тој изјави, за оваа прослава не биле потрошени ниту еден денар народни пари”, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ побара одговорност за начинот на кој начин се трошат парите на граѓаните.