Основното јавно обвинителство Скопје издаде наредба за спроведување истражна постапка против 33-годишен скопјанец.
Осомничениот се терети за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи и неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
При претрес во домот на осомничениот, полицијата открила и запленила поголемо количество оружје, муниција и експлозивна материја, една рачна бомба „М75″ со имплементирани метални кугли со дијаметар од околу два милиметри со шрапнелско дејство, вкупно 240 куршуми со различен калибар, пиштол марка Црвена Застава со калибар 7.65 mm, co една рамка со седум куршуми, пиштол марка Берета, со рамка во која имало шест куршуми, како и околу седум грама марихуана.
Во станот бил пронајден и клуч од мотор за кој постојат оперативни сознанија дека бил искористен при извршување на кривично дело убиство.
Јавниот обвинител ја истакна опасноста за бегство и можноста осомничениот да продолжи да врши кривични дела, како основ за определување на притворската мерка.