Претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, најави дека до крајот на септември ќе се одржат најмалку четири седници. Две се веќе закажани за 2 и 11 септември, а најверојатно ќе се одржат уште две до крајот на месецот.
Предизвик и натаму останува гласањето за законите за кои е потребен Бадентер. Гаши рече дека сите ќе бидат ставени на гласање, но дека не знае каков ќе биде исходот поради процедуралната блокада на опозициската ДУИ.
Закони за кои е потребен Бадентер, односно кои се од особен интерес, се законите за правична застапеност, за високо образование, за локална самоуправа.
Во својство на претседател на Собранието се обидувам да ги преземам сите мерки. Јас сум во контакт со сите пратенички групи. Се обидуваме да дојдеме до решение. Ако прашањето навлегува во политичката сфера, тогаш се разговара на друго политичко ниво. Се согласувам дека ова прашање треба да се реши, но им оставам на политичките актери да го решат – рече на брифингот со новинарите претседателот на Собранието.