Почна изборниот молк: Утре Босна и Херцеговина гласа

Во Федерацијата БиХ и Република Српска в недела, на 4 октомври, ќе се одржат десеттите општи избори за избор на претставници во заедничките, ентитетските и кантоналните институции.

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Согласно Изборниот закон на БиХ, изборната кампања завршува 24 часа пред отворањето на избирачките места, кога стапува на сила изборниот молк, кој трае до затворањето на избирачките места.

Граѓаните со право на глас ќе избираат тројца членови на Претседателството на БиХ, пратеници во Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ и Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата БиХ, претседател и двајца потпретседатели на Република Српска, пратеници во Народното собрание на Република Српска (НСРС), како и пратеници во собранијата на десетте кантони во Федерацијата БиХ.

За различните нивоа на власт ќе се натпреваруваат 75 политички партии, 29 коалиции и четворица независни кандидати. Големиот број политички субјекти укажува на силна конкуренција, но истовремено ја потврдува и длабоката фрагментираност на политичката сцена во пресрет на изборите.

Во Централниот избирачки список за гласање се запишани вкупно 3.414.364 регистрирани гласачи, меѓу кои и 48.074 гласачи регистрирани за гласање надвор од БиХ, преку пошта или во дипломатско-конзуларните претставништва на БиХ.

За гласање надвор од Босна и Херцеговина се регистрирани 48.074 гласачи, што претставува релативно мал број во однос на вкупниот број државјани на БиХ кои живеат надвор од земјата. Сепак, дијаспората претставува еден од најзначајните, но недоволно искористени политички потенцијали на државата.

Изборниот праг е три отсто.

Иако на претстојните избори за првпат во поголема мера ќе се применуваат современи изборни технологии, кои треба да спречат, односно значително да ја намалат можноста за изборни манипулации, ризикот од злоупотреби и натаму постои.

Особена загриженост, според достапните наводи, предизвикува можноста за купување гласови, што претставува сериозен предизвик за интегритетот на изборниот процес и кредибилитетот на изборните резултати, сметаат аналитичарите.

Најнови вести