ПОДВИС – Училиштето каде што македонскиот збор стана отпор

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Во срцето на кичевскиот крај, во малото село Подвис, стои тивок сведок на едно бурно време – старата училишна зграда во која пред повеќе од осум децении првпат одекнал македонскиот збор.

Нејзините ѕидови денес се нагризени од времето, но приказната што ја носат, не старее. Таа останува како тивок спомен на генерациите кои и во најтешките воени денови, знаеле дека училиштето е повеќе од зграда – тоа е место каде што се чуваат јазикот, знаењето и надежта.

Во есента 1943 година, во услови на војна и неизвесност на првата слободна територија во Кичевско, Главниот штаб на НОВ и ПОМ и локалните Народноослободителни одбори донеле одлука за итно отворање училишта на мајчин јазик. Како резултат на тие брзи подготовки, на 17 септември 1943 година, во кичевското село Подвис, со зборовите на учителот Василко Ристески, почнала наставата во првото училиште на современ македонски јазик.

„Деца, отсега натаму ќе си учите на нашиот мајчин македонски јазик и нема веќе да се презивате на -иќ, туку на -ски. Смрт на фашизмот!“

 

Фото: Ацо Лукароски

Биле тоа денови кога наместо безгрижно детство, над селата се надвиснувала сенката на војната. Но, токму тогаш, меѓу стравот и неизвесноста, се отворила вратата на училиштето.

Наместо оружје – книга. Наместо молк – македонскиот збор.

Наставата траела само до 6 октомври, кога повторно започнале воени дејствија во регионот. За само седум дена, училиштето не успеало да испише долга учебна година, но испишало страница во колективното паметење.

Ѕидови подигнати со заедничка рака – самата зграда била изградена со учество на жителите на Подвис и соседното село Пополжани.

Денес, по речиси еден век, тие ѕидови се како неми хроничари – сведочат за времето, за луѓето и за стремежот на една генерација да му остави нешто на идното поколение.

Фото: д-р Јехона Спахиу-Јанчевска; Давор Богдановски

По ослободувањето, училиштето продолжило да работи. Подоцна во него функционирало основното училиште „Коле Неделковски“, сè до 1970 година. А потоа, кога детскиот џагор замолкнал, започнал долг период на тишина.

Фото: д-р Јехона Спахиу-Јанчевска; Давор Богдановски

Училишните клупи останале празни, а времето полека почнало да го зема својот данок. Она што некогаш било место исполнето со детски гласови, постепено било препуштено на заборавот.

На 15 декември 1978 година, старата училишна зграда е прогласена за Споменик на културата.
Но, хартијата можела да го прогласи објектот за заштитен, не и да го запре забот на времето.

По децении тишина – нова надеж

Денес, по долгите децении на запоставеност, старата школа во Подвис го привлече вниманието на институциите.

Фото: д-р Јехона Спахиу-Јанчевска; Давор Богдановски

Националниот конзерваторски центар работи на истражувања и подготовка на проектната документација за конзервација и реставрација на објектот.

Фото: д-р Јехона Спахиу-Јанчевска; Давор Богдановски

Паралелно со активностите за заштита на објектот, Општина Кичево работи и на подобрување на неговата пристапност. Предвидено е да се обезбеди пристапен пат од регионалниот пат Кичево–Охрид до старата училишна зграда.

Со тоа, местото кое со години бeше скриено зад тишината и заборавот, би можело повторно да стане достапно за посетители, истражувачи и за сите оние кои сакаат да ја запознаат неговата приказна.

Зашто Подвис не е само стара училишна зграда.
Тоа е еден од оние тивки камења во темелите на едно време, кои не се гледаат оддалеку, но без нив тешко се разбира патот по кој поминало едно општество.

Фото: д-р Јехона Спахиу-Јанчевска; Давор Богдановски

Во неговите ѕидови некогаш се слушал детскиот глас. На неговите табли се пишувале првите букви.
А во најтешките денови, таму се чувала верата дека знаењето и јазикот се посилни од стравот.

Училиштето во Подвис работело само седум дена во 1943 година. Но, понекогаш, седум дена се доволни за да се испише историја.

И можеби затоа денес, по повеќе од осум децении, старите ѕидови сè уште имаат што да кажат.

Најнови вести