Поради невремето, празничниот концерт во Крива Паланка одложен за вечерва

Слаткар, Ацо Пејовиќ и Лепа Брена ќе настапат вечерва од 20 часот на градскиот стадион. Организаторите велат дека одложувањето било неопходно поради безбедноста на публиката и изведувачите.

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Големиот празничен концерт во Крива Паланка, кој требаше да се одржи синоќа на градскиот стадион, поради силното невреме е одложен за вечерва. Почетокот останува во истиот термин – во 20 часот, а најавената музичка програма нема да претрпи промени.

Крива Паланка синоќа беше зафатена од силно невреме проследено со обилни врнежи од дожд, силен ветер и интензивни електрични празнења, поради што Општината одлучи концертот на отворено да не се одржи.

На вечерашниот концерт, организиран во рамките на празнувањето на 29 август – празникот на Свети Јоаким Осоговски, светецот-заштитник на Крива Паланка, ќе настапат Слаткар, Ацо Пејовиќ и балканската музичка ѕвезда Лепа Брена.

Од Општина Крива Паланка информираат дека одлуката за одложување била донесена пред сè поради безбедноста на публиката, изведувачите и сите лица вклучени во организацијата. Дополнителна причина била потребата од целосна проверка на сценската и техничката опрема по невремето.

„Поради неповолните временски услови и последиците од силното невреме, вчерашниот концерт на градскиот стадион во Крива Паланка се одложи за вечерва. Надлежните служби и организациските тимови се на терен и ги преземаат сите неопходни активности за концертот да се одржи во безбедни услови и целосно подготвен амбиент. Терминот и најавената програма остануваат непроменети“, соопштија од Општината.

Оттаму им се заблагодарија на граѓаните, посетителите, изведувачите и сите вклучени во организацијата за разбирањето, трпението и поддршката.

Фото: Facebook / Општина Крива Паланка

Исполнети сместувачките капацитети

Празничната програма и продолжениот викенд привлекоа голем број посетители во Крива Паланка. Според информациите од Општината, сместувачките капацитети во градот се исполнети.

Уште во текот на вчерашниот ден и вечерта во градот пристигнале голем број гости со приватни возила и организиран превоз од повеќе градови во Македонија, како и посетители од соседните Србија и Бугарија.

Поради зголемената фреквенција, во централното градско подрачје вчера беше воведен посебен сообраќаен режим, кој ќе важи и денеска.

Општината обезбеди и повеќе локации за бесплатно паркирање за посетителите кои вечерва ќе присуствуваат на концертот.

Најнови вести