Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц, придружуван од шефот на делегацијата на ЕУ, амбасадорот Михалис Рокас.
На средбата било разговарано за македонската европска интеграција, можностите и условите за деблокада на пристапниот процес, како и за политиката на проширување на Европската Унија, низ призма на геополитичките закани и употребата на ветото.
Во пресрет на извештајот на Европската Комисија, соговорниците размениле мислења за потребните и можните реформи на процесот на проширување, врз основа на воочените проблеми. Шефицата на државата ја истакнала важноста да се забрза и заштити од ирационални опструкции динамиката на европската интеграција и да се овозможи посилна институционална заштита на принципот на заслуги во пристапниот процес.
Сиљановска – Давкова посебно укажала на членовите 4(2) и 4(3) од Договорот за Европската Унија, во коишто се предвидени почитувањето на националниот идентитет, уставните и политичките структури, како и обврската на земјите – членки за искрена соработка и не поткопување на целите на ЕУ, констатирајќи дека злоупотребата на ветото и билатералните условувања врзани со идентитетот, историјата и јазикот, се во судир со овие одредби.
Претседателката ги истакнала сите компромиси на земјава во изминатите децении во интерес на европската интеграција, потсетувајќи дека не само што не е остварено членството, туку не се почнати ни преговорите.
Известителот Вајц, темелно ја запознал претседателката со сите превземени активности во врска со македонско-бугарските релации и укажал на потребата од пријателски чекори од обете страни, потенцирајќи ја цврстата решеноста на ЕУ за проширување.