Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им го честиташе почетокот на училишната година на најмладите ученици, порачувајќи им дека знаењето е една од највредните инвестиции во животот.
Шефицата на државата заедно со охридскиот градоначалник Кирил Пецаков, присуствуваше на првиот училиштен час за првачињата во ООУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид. Обраќајќи им се на децата, претседателката ги охрабри да бидат љубопитни, да поставуваат прашања и постојано да учат.
Сиљановска-Давкова ги повика првачињата да не се стремат само кон добри оценки, туку пред сè кон вистинско знаење, успех и развивање критичко размислување. Воедно, им порача да создаваат убави односи со соучениците и наставниците и да го избегнуваат секој облик на насилство.
„Колку повеќе ќе знаете, толку повеќе ќе разбирате. Ќе бидете потолерантни и посамостојни. Затоа вложувајте во себе и учете. Нема подобар пријател од книгата“, им порача претседателката Сиљановска-Давкова.