ПРО-ЗА Балкан“ по 14. пат ширум ќе ѝ ги отвори вратите на балканската книжевност

Три фестивалски и четири дополнителни вечери ја сочинуваат програмата на 14. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ што ќе биде отворен в недела, на 13 септември, во Музејот на град Скопје, во 20 часот.

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Наградата „Прозарт“ која што се доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, годинава му припадна на српскиот писател Драган Великиќ, еден од најзначајните, најпреведуваните и најпрепознатливите современи српски писатели. Ќе му биде врачена лично, на свеченото затворање на фестивалот, во Музеј на град Скопје, на 15 септември.

Освен Великиќ, гости на 14. издание на фестивалот ќе бидат албанската писателка Дијана Чули, бугарскиот писател и сценарист Николај Терзијски, словенечката романсиерка Габриела Бабник Уатара, ирско-британскиот филмски автор и продуцент Мајк Дауни, српската писателка Христина Радовиќ Андриќ и психологот и авторка на детска литература Зиновија Василејади од Грција, како и нашиот писател Блаже Миневски.

Годинава фестивалот може да се пофали и со богата дополнителна програма. Сите настани се со слободен влез. На 16 септември во Кинотеката во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Устав на Република Хрватска“ во режија на Рајко Грлиќ, со присуство на продуцентот Мајк Дауни. Писателот Александар Прокопиев ќе го води разговорот со Мајк Дауни.

На 17 септември (четврток) во Europe House Тетово во 19 часот ќе се одржи инклузивна промоција на сликовниците од Денис Јанкуловски. Наредниот ден (18 септември) во кафе-бар „Саман“ од 20 часот ќе следува книжевно-музички перформанс „Портрети“ со Александар Прокопиев и Бобан Здравковски Андреевски.

На 19 септември (сабота), во кафе-бар „Цреша“ од 20.30 часот ќе следува концертна промоција на петтата поетска збирка „Пружини“ од Пијан Славеј, со Hot Jazz Orchestra. Годинава по 13-ти пат ќе се одржи и програмата „Скопје фелоушип“. Издавачи, литературни агенти и професионалци од издавачкиот сектор од Грција, Бугарија и Албанија ќе бидат гости на оваа значајна програма, една од ретките од ваков тип во регионот.

Во Скопје ќе дојдат: Ефи Риза-Скифа, основачка и издавачка менаџерка на грчката издавачка куќа „Енастрон“, Манол Пејков, сопственик и генерален директор на бугарската издавачка куќа „Жанет 45“ и основач на Софиската литературна агенција, Рајмонда Хида, директорка за надворешни односи и авторски права во албанската издавачка куќа „Фан Ноли“, Гергана Панчева, извршна директорка на Софиската литературна агенција, Аристеа Илиопулу, раководителка на издавачкиот сектор и лекторка во „Енастрон“, и Реџеп Хида, директор на „Фан Ноли“. Сите учесници на програмата „Скопје фелоушип“ ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи и други домашни издавачки куќи.

Најнови вести