Со увид во годишните даночни пријави на обвинетиот и неговата сопруга од 2016 до 2024 година, продолжи судењето на судијата Ѓоко Ристов.
Вештакот ангажиран од ОЈО ГОКК, направил анализа на нето примања-приливи, исплати од жиро сметки што Ристов ги поседува во неколку банки и анализа на сметките на членовите на неговото семејството.
Во телефонот што бил користен во 2023, а повторно активиран во 2025 година, биле пронајдени телефонски броеви и комуникации со повеќе лица кои биле или се поврзани со судски постапки, политиката и бизнисот.
Обвинителството објави пораки помеѓу Ристов и одредени непознати лица или лица опфатени во истрагата.
Обвинителката Искра Хаџи Василева презентираше и комуникација со Енвер Беџети, како и листа на контакти во телефонот на обвинетиот, односно, Ана Камчева, Асмир Пуцко,„ФС” или сега осудениот Фехми Стафа, „Ѓаволот”, Вице Заев, Бојан Јовановски, Исмет Гури.
Одбраната, пак, реагира дека Обвинителството се обидува од самите контакти да извлече заклучоци без да презентира конкретни докази дека комуникациите претставувале незаконско влијание врз судски одлуки.
Одбраната праша зошто вештакот не побарал од банките увид со кој евентуално би можело да се утврди нешто како обезбедил дополнителни докази.
Ѓоко Ристов е обвинет за прикривање имот и перење пари. Претходно, беа пронајдени 350 000 евра во ѕидот на куќата на родителите на Ристов. Постапката е дел од проширената истрага која почна од адвокатот и поранешен правобранител Фехми Стафа, за подмитување на судија во Апелација во име на Љупчо Пецов-ѓаволот.