голема судница во идризово

Продолжува судењето за случајот „ПУЛС“

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Со вкрстени прашања на одбраната на градежниот вештак Петре Русевски продолжува судењето за случајот „Пулс“.

На минатото рочиште вкрстени прашања поставуваше обвинителството, што отвори според нив, сомнежи за некомпетеноста на вештакот кој за дел од изготвеното вештачење на клубот Пулс, се прогласи за ненадлежен.

Родителите на загинатите пред денешното рочиште изразија поддршка за Јавното обвинителство, за како што велат професионалноста и решителноста во борбата за утврдување на вистината и одговорноста за најголемата трагедија што го зави Кочани во црно.

-На претходното судско рочиште, преку внимателно осмислени, прецизни и аргументирани вкрстени прашања, обвинителството успеа да ги изнесе на виделина сериозните противречности во исказот на вештакот Петре Русевски, доведувајќи ја во прашање веродостојноста на неговите тврдења и неговиот обид за прикажување фактичка состојба различна и спротивна на онаа што произлегува од стручните наоди, заклучоците и доказите утврдени од вештаците на Градежниот факултет. Особено е значајно што обвинителството не дозволи противречностите да останат неразјаснети, туку преку непосредно соочување на вештакот со конкретни факти и докази ја истакна неопходноста секое стручно тврдење да биде засновано врз објективни, проверливи и научно поткрепени сознанија.
Во судница во која се одлучува за одговорноста за изгубени човечки животи, не смее да има простор за релативизирање на фактите, за селективно толкување на доказите или за обиди вистината да се прикаже поинаку од она што навистина се случило. Затоа, ваквиот пристап на обвинителството заслужува поддршка, со очекување дека истата доследност, решителност и професионалност ќе продолжат до целосното расветлување на трагедијата.
Но, зад сите правни аргументи, вештачења, докази и судски рочишта стои една неизмерна човечка болка. Стојат 63 прерано згаснати животи. 63 насмевки што никогаш повеќе нема да ги видиме. 63 неостварени соништа и иднини кои сурово беа прекинати. Стојат родители што никогаш повеќе нема да ги прегрнат своите деца, семејства чии домови засекогаш останаа празни и една цела заедница која продолжува да живее со рана што никогаш нема целосно да зарасне, изјави Александар Наунов.

Во кочанската трагедија на 16 март 2025 година, загинаа 63 лица и над 200 беа повредени.

Најнови вести