Младиќ e погребан во гробницата на Топчидерските гробишта, каде што е погребана и неговата ќерка Ана. Тој беше во притвор во Хаг од неговото апсење и екстрадирање во мај 2011 година.
Неговите посмртни останки беа пренесени со авион на владата на Србија во четвртокот. Ковчегот со телото на генералот Младиќ го пречекаа припадници на војската на Србија, кои потоа го пренесоа ковчегот во Военомедицинската академија, каде што беше извршена обдукција.
Здравствената состојба на Ратко Младиќ нагло се влошила во април, кога доживеал мозочен удар, а подоцна и уште неколку. Неговото семејство и адвокатите во повеќе наврати побарале од Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали во Хаг да му биде овозможено лекување во Србија, но барањата биле одбиени.
Република Србија, исто така, упатила повеќе дописи до Механизмот со барање Младиќ да биде предвреме ослободен од хуманитарни причини, со цел да се лекува во Србија. Механизмот, сепак, ги одбил сите тие барања.
Младиќ во јуни 2021 година правосилно беше осуден на доживотна затворска казна поради, според наводите во обвинението, воени злосторства во БиХ во текот на деведесеттите години.
При првото појавување пред Хашкиот трибунал, како и во текот на судењето, Младиќ истакнувал дека го бранел својот народ и својата земја.