Романија доби нова влада: Парламентот го изгласа кабинетот на Лука Никулеску

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Романија денеска доби нова влада, откако парламентот на земјата го изгласа кабинетот предложен од премиерот Лука Никулеску, беше соопштено по заедничката седница на Претставничкиот дом и Сенатот.

За избор на владата на Лука Никулеску гласаа 280 пратеници. По парламентарната поддршка, Никулеску изјави дека Романија излегува од шестмесечната политичка криза и дека новата влада веднаш ќе започне со работа, пренесува Digi24.

Тој најави дека првата седница на новата влада ќе се одржи уште вечерва.

Неговиот кабинет доби значително повеќе од потребните 233 гласа за избор на владата.

„Со емоции и чувство на одговорност го примив овој глас. Му благодарам на парламентот за довербата, како и на Социјалдемократската партија (PSD), Национал-либералната партија (PNL), Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија (UDMR), претставниците на националните малцинства и пратениците кои гласаа за оваа влада“, изјави Никулеску по гласањето.

Тој оцени дека гласањето претставува важен момент за Романија, нагласувајќи дека земјата излегува од шестмесечна криза и дека владата мора веднаш да започне со работа.

„Приоритетите се познати. Романија повеќе не може да чека“, порача премиерот.

Никулеску укажа и на последиците од повеќемесечниот политички застој, посочувајќи дека граѓаните ги чувствуваат преку сметките, растот на невработеноста, економската состојба и геополитичките случувања.

„Романија сега има влада со целосни овластувања. Веднаш започнуваме со работа, иако доаѓаме од различни средини и имаме различни искуства. Некои се политичари со долгогодишно искуство, додека други се независни и доаѓаат од академскиот и уметничкиот свет. Ќе формираме тим и ќе работиме заедно“, изјави романскиот премиер.

Со поддршката од романскиот парламент за формирање на новата влада, успеа четвртиот обид на претседателот на Романија, Никушор Дан, да се формира влада, откако претходната проевропска коалиција се распадна на почетокот на мај.

Владата на премиерот Илие Боложан ја загуби поддршката откако Социјалдемократската партија (PSD) ја напушти коалицијата поради несогласувањата околу мерките за штедење и фискалните реформи.

Потоа, парламентот изгласа недоверба на владата на Боложан.

Најнови вести