Во руските напади ширум Украина во изминатите 24 часа загинале четири лица, а 78 се повредени. Повторно на мета беше Киев, каде што руски дрон погодил станбена зграда и предизвикал пожар.
Во раните утрински часови, руски дрон погоди станбена зграда во киевската населба Оболон. Градската воена управа на Киев соопшти дека две лица се повредени и дека избувнал пожар.
Руските сили го нападнаа и градот Чернихив. Според локалните власти, загинал е еден маж, а најмалку 25 лица се повредени.
Воздушната тревога во Чернихив била активирана околу 13:40 часот по локално време поради закана од ракетен напад. Неколку минути подоцна, украинските воздухопловни сили соопштиле дека кон градот се приближуваат дронови и крстосувачка ракета од типот „Бандерол“.
Градскиот совет на Чернихив соопштил дека цел на нападот биле две приватни компании, но не открил дополнителни детали.
Обвинителството во Донецката област соопшти дека во руското гранатирање на станбена населба во Краматорск, град на фронтовската линија, загинало едно лице, а шестмина биле повредени, меѓу кои и три деца.
Во Славјанск, исто така град на фронтовската линија, во вчерашните руски напади загинала 62-годишна жена, додека четири лица биле повредени, напиша градоначалникот Вадим Љах.
Во Дњепропетровската област, едно лице загинало, а осум биле повредени во напад врз градот Дњепар (Днипро). Регионалниот гувернер Олександр Хања соопшти дека уште три лица биле ранети во општината Пидхородненска.
Во напад со руски дронови врз градот Житомир на 23 октомври биле повредени девет лица, меѓу кои и две деца, соопшти украинската полиција.