СДСМ утрово со реакција на изјавите на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од вчерашниот митинг во Брвеница, на кој тој ја обвини опозицијата дека е против Владата, инвестициите и владините проекти и дека е за таканаречена „марихуана-економија“.
Социјалдемократите сметаат дека „немаат дилема“ за своите ставови и дека се против, како што наведуваат, криминалот и корупцијата, а не против инвестициите и развојот.
„Мицкоски кажа дека СДСМ е против сè, а само за марихуана-економија. Кажа дека сме за распродажба, дека ќе потпишеме бел лист. Нема дилема. Има лаги“, велат од опозициската партија.
Партијата во соопштението испратено до медиумите се осврна и на странските инвестиции, при што тврдат дека во периодот на нивното владеење биле реализирани поголеми инвестиции, додека според нивните наводи, во вториот квартал од 2026 година странските директни инвестиции изнесувале 18,7 милиони евра.
Од партијата ги критикуваат и владините проекти поврзани со енергетиката, рударството и дата-центрите. Велат дека не се против проекти, туку против, како што наведуваат, „личните проекти“ на власта и бараат транспарентност околу нивното спроведување.
СДСМ повторно го отвори и прашањето за најавените рударски проекти и нивното влијание врз животната средина. Од партијата прашуваат дали граѓаните можат да имаат гаранции дека експлоатацијата на антимон нема да влијае врз квалитетот на водата.
Во однос на дата-центрите, од СДСМ бараат дополнителни информации за начинот на ладење, потребите за електрична енергија и тоа кој би ги сносел трошоците.
Опозицијата се осврна и на надворешната политика, нагласувајќи дека, според нив, Македонија не треба да биде под влијание на други држави и политички центри. Од СДСМ посочуваат дека се против, како што велат, „странски влијанија“ и ги критикуваат односите на власта со политичари од регионот.
Од СДСМ велат дека тие го потпишале пристапувањето на земјата во НАТО и ги отвориле преговорите со ЕУ, додека за актуелната власт тврдат дека повеќе од две години нема направено доволно во процесот на европските интеграции.
Од СДСМ го критикуваат и односот на власта кон граѓаните и обвинуваат дека се создаваат поделби во општеството.
„Ние сме за институции. Не сме за банда“, велат од партијата.