Честитка за 23 октомври

Сиљановска-Давкова: Да го продолжиме стремежот на претходниците за просперитетна македонска држава

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

По повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба,
претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните.

,,Не можеме да ја чествуваме државноста, а да ја заборавиме пожртвуваноста на поколенијата што ги удриле нејзините темели и ги вградиле животите во нив.
Зарем можеме да ја разбереме сегашноста ако не ги познаваме и не ги почитуваме идеалите, надежите и историските чекори низ коишто се формирала нашата национална самосвест? Токму затоа, 23 Октомври има особено место во македонската историја. Со основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, најсвесните македонски дејци ја преточиле вековната жед и желба за слобода во организирано дело, а стремежот кон самобитност во решителна битка на смрт за сопствена држава. Во бурните историски времиња и тешки околности, водени од македонскиот непокор и од насушната потреба од пристоен човечки живот, тие го трасирале патот на македонската револуционерна борба. Пиететот кон предците има смисла само кога нивните високи и благородни идеали ги преточуваме во праведност, солидарност и посветеност на општото добро. Историското завештание не е само причина за гордост, туку и морална обврска да ја унапредуваме државата, да го штитиме човечкото достоинство и да создаваме општество во кое правото, правдата и моралот ќе бидат не само темелни вредности, туку и реалност.
Ако револуционерниот порив некогаш се потврдувал со себежртвување за високи национални цели, денес се докажува со одлучно и чесно работење, интелектуална смелост и решителност за нужни реформи.
Повторно сме пред историски испит во ова време-невреме, да го продолжиме стремежот на претходниците за просперитетна македонска држава”, стои во честитката за 23 Октомври од претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Најнови вести