Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Чешката Република, Ирена Гецова. Сиљановска-Давкова изрази уверување дека плодното дипломатско искуство на амбасадорката Гецова, како и нејзиното одлично познавање на регионот ветуваат дека сме на прагот на отворање ново поглавје во македонско-чешките односи.
Претседателката ја акцентираше важноста од интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ, не само од географски, историски и културни причини, туку и како сигурна гаранција за европската безбедност, стабилност и отпорност на несакани и непредвидливи влијанија. Укажа на правната, политичка и етичка неодржливост на толерирањето на непочитувањето на европските принципи и вредностите, утврдени во конститутивните акти на ЕУ од нејзини членки, наши соседи, иако подршката од нив би требало да биде најголема.
,,Мора да се стави крај на неевропското блокирање на нашите преговори, односно на злоупотребата на ветото во функција на билатерализација на преговарачкиот процес, инспирирана од намерата за ревизија на историјата преку диктирање ирационални услови, врзани за оспорување на идентитетот на македонскиот, или било кој друг балкански народ”, истакна претседателката Сиљановска-Давкова.