Првиот и носител на листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, за време на обраќањето пред граѓаните во Крушевац, најави воведување бесплатни стоматолошки услуги, истакнувајќи дека сака здравствената заштита да биде достапна за сите, без оглед на нивната материјална состојба.
Како што порача, планот е граѓаните повторно да добијат можност на товар на државата да вршат редовни стоматолошки интервенции, а не само итни зафати.
– Ќе воведеме бесплатни стоматолошки услуги, ќе ги вратиме оние што беа укинати во 2006 година од страна на оние кои сега сакаат повторно да се вратат на власт под друго име. Луѓето ќе можат да одат не само на итни интервенции, туку и сосема нормално да ги поправаат забите, да ставаат лекови во забите, да ја одржуваат хигиената на устата и забите, како што некогаш можевме да го правиме тоа, а што ни беше укинато во 2006 година – изјави Вучиќ.
Според неговата најава, проширувањето на стоматолошките услуги треба да опфати редовно лекување и одржување на здравјето на забите, со што би се намалиле трошоците на граѓаните за посета на стоматолог.
Вучиќ истакна дека е свесен оти спроведувањето на оваа мерка ќе бара значителни финансиски средства, но нагласи дека нејзината цел е здравствената заштита да биде подостапна за сите граѓани.
– Тоа се многу пари, но ова е важно, бидејќи сè уште има луѓе кои не можат да си го дозволат тоа, а јас сакам секој човек да има еднакво право на здравствена нега и здравствена заштита – изјави тој.