„Со секое заминување се прекинува нишка во нашето ткиво“- Сиљановска Давкова ги повика младите да останат во земјава

"Нашата визија е стабилна и напредна европска држава, но пред сè, татковина во која младите нема да пакуваат куфери, туку, тука ќе создаваат семејства и ќе градат иднина", порача шефицата на државата во празничната честитка.

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Претседателката Гордана Сиљановска- Давкова, по повод 8 Септември – Денот на независноста, упати честитка до граѓаните во која порача дека независноста не е завршено минато, туку трајна обврска на секоја генерација да ја чува, гради и надградува државата.

„Денес, со длабока благодарност и пиетет, се потсетуваме на историската вистина дека најголемото и најважното достигнување за еден народ е да има сопствена, суверена и демократска држава, којашто ќе ја штити неговата слобода, идентитет и дигнитет и ќе работи на нејзиниот просперитет. Сега, единствено од нас самите зависат нејзиниот опстој и нејзината иднина”, порача претседателката Сиљановска Давкова.

Шефицата на државата потсети дека пред 35 години, со референдумот од 8 септември 1991 година, македонските граѓани го заокружиле делото на илинденците и асномците и создале свој национален и заеднички граѓански дом, без оглед на етничката и верската припадност.

,,Македонската независност почива на три столба: првиот е довербата на секој граѓанин во сопствената држава и во капацитетот на нејзините институции да ги заштитат правата, да обезбедат правда и да пружат еднакви можности за сите; вториот е меѓусебната доверба меѓу нас, граѓаните, како човечка нитка којашто не држи заедно, независно од етничката, верската, јазичната и секоја друга разлика, и третата е – непотрошната, искрената и непоколеблива вера во македонската”, истакна претседателката.

Во честитката по повод 8 септември се осврна на предизвиците, младите и иселувањето.

„Додека го славиме големиот ден, уште еднаш констатираме дека изминатите три и пол децении се соочивме со тешки искушенија, блокади и двојни стандарди, коишто стимулираа несакани внатрешни процеси и проблеми.Еден од најголемите е иселувањето на младите луѓе во потрага по подобар живот. Со секое заминување се прекинува нишка во нашето ткиво, а секоја празна училишна клупа е молчалив потсетник дека ги губиме оние кои беа и сè уште се нашата најголема надеж.
Болната вистина не смее да не
парализира, туку мора да не мобилизира. Државата не е само систем на институции. Луѓето се државата”, рече претседатечлата Сиљановска Давкова во честитката по повод 8 септември, Денот на независноста.

Најнови вести