Три стратешки определби

Потврдена одличната соработка со ОН, претставени трите главни стратешки определби на Македонија

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Премиерот Христијан Мицкоски, синоќа во седиштето на светската организaција во Њујорк оствари средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

На средбата, како што соопшти канцеларијата на Гутереш, била истакнат одличната соработка меѓу Обединетите нации и Северна Македонија.

Гутереш и Мицкоски, исто така, разговарале и за европските интеграции, регионалната соработка и поддршката на мултилатерализмот.

Македонскиот премиер, претходно се обрати на генералната дебата на 81. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.

Во својот говор ги претстави трите главни стратешки определби на државата, членството во НАТО, партнерството со САД и полноправното членство во ЕУ.

„Ние сме сојузник во НАТО. Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер. Полноправното членство во Европската Унија е наша стратешка определба. Тоа не се три одвоени политики. Тоа е една геополитичка ориентација, втемелена врз демократијата, колективната безбедност, владеењето на правото и отворената економија. Во време на неизвесност, нашиот одговор не е стратешка двосмисленост. Нашиот одговор е јасност,- рече премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на 81. Генерално собрание на Обединетите Нации.

Мицкоски потенцираше дека јасноста во нашите сојузи не значи вртење грб на светот.

„На светот не му е потребна уште една поделба на трајни табори. Потребна му е конкуренција со граници и со правила што сите мора да ги почитуваат“, истакна премиерот Христијан Мицкоски.

Во однос на на членството во Европската Унија, премиерот рече дека не се откажуваме од европската идеја, но предупреди, довербата не може да биде еднострана обврска.

„Продолживме напред дури и кога процесите траеја подолго отколку што една генерација граѓани можеше разумно да очекува. Но токму затоа, гледајќи на тие одлуки со временска дистанца и со јасна свест за реалноста, денес можам одговорно да кажам дека довербата не може бесконечно да биде еднострана обврска“, рече претседателот на владата, Мицкоски.

Премиерот оцени дека глобалниот поредок влегува во период на големи промени во кој моќта повторно се прераспределува, а економијата и безбедноста се потешко можат да се разгледуваат одвоено.

Најнови вести