Културно поврзување

Свечено отворена новата концертна и галериска сезона во македонскиот КИЦ во Загреб

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Македонскиот КИЦ во Загреб ја отвори новата концертна и галериска сезона со уметничка вечер во која се сретнаа графичката уметност и класичната музика.

Изложбата „Дисциплина на скратениот траг“ на Евгениј Пантев и концертниот настап на Ристо Ѓоревски и Елена Атанасовска-Ивановска понудија разновидна програма, која предизвика голем интерес кај загребската публика.

Пред бројната публика се обратија, македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска Илиевска, како и авторот на изложбата Евгениј Пантев.

Во својот осврт за изложбата, историчарот на уметност Дејан Буѓевац истакна дека со својот досегашен опус Евгениј Пантев не наметнува гласно присуство, туку артикулира тивок, беспрекорен графички идентитет.

Уметничката вечер продолжи со концертниот рецитал на двајцата исклучителни претставници на современата македонска класична музика. Кларинетисот Ристо Ѓоревски и пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска се истакнуваат со богата и врвна активност, и во солистичкото и во камерното музицирање, како на домашната, така и на меѓународната концертна сцена.

Внимателно конципираната концертна програма на публиката и понуди дела од светскиот класичен репертоар, како и избор од македонското музичко творештво со композиции од Благој Цанев, Дамир Имери и Кире Костов.

Посебна вредност на концертната програма дадоа етномузичките елементи и мотивите од македонскиот фолклор присутни во дел од македонските композиции.

Отворањето на новата концертна и галериска сезона уште еднаш потврди дека македонскиот КИЦ во Загреб продолжува да создава простор за квалитетно и разновидно претставување на македонската култура пред хрватската публика – од современата ликовна уметност до македонското музичко творештво.

Најнови вести