Од денес, 24 октомври, до 31 октомври се одбележува Светската недела на медиумска и информациска писменост, иницијатива поддржана од Обединетите нации и УНЕСКО, чија цел е поттикнување на критичкото размислување и одговорното користење на информациите во дигиталната ера.
Темата за 2026 година гласи „Сите имаме улога – медиумска и информациска писменост за луѓето“, со порака дека секој поединец има придонес во создавањето поинформирано, поинклузивно и поотпорно општество.
Во услови кога дезинформациите, лажните вести и содржините генерирани со помош на вештачката интелигенција стануваат сè поприсутни, способноста за критичко оценување на информациите добива сè поголемо значење. Медиумската и информациската писменост подразбира пронаоѓање и проверување на изворите, препознавање манипулативни содржини и одговорно споделување информации.
Во активностите по повод оваа недела се вклучуваат новинари, наставници, млади, родители, креатори на дигитални содржини, институции и граѓански организации. Преку различни иницијативи и меѓународна соработка се бараат начини за справување со предизвиците на современото информациско опкружување.
Генералното собрание на Обединетите нации во 2021 година донесе одлука за одбележување на оваа недела, истакнувајќи ја важноста на пристапот до точни, навремени, разбирливи и достапни информации. Унапредувањето на медиумската писменост е важно и за намалување на дигиталниот јаз и нееднаквоста во пристапот до информации.
Според УНЕСКО, информациите што ги примаме имаат влијание врз нашите ставови, уверувања и одлуки. Поради тоа, граѓаните треба да развиваат вештини за критичко анализирање на медиумските содржини, да ги познаваат своите права на интернет и да ги разбираат етичките аспекти на користењето и споделувањето информации.
Овогодишната кампања потсетува дека борбата против дезинформациите е заедничка одговорност. Проверувањето на веродостојноста на изворите пред споделување содржини и внимателното користење на дигиталните технологии се важни чекори кон побезбеден и подобро информиран дигитален простор.