Навршуваат 31 година од обидот за атентат врз првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров.
Атентатот беше извршен со автомобил-бомба во 9:50 часот во 1995 година на улица Македонија пред хотелот „Бристол“ во Скопје, кога претседателот Глигоров со службено возило се движел од неговата резиденција, на работното место во Собранието.
Во автомобил „цитроен” биле скриени 20 килограми експлозив, активирани со далечински управувач. Глигоров го преживеа атентатот со тешки последици на главата, а на место загина неговиот возач Алекандар Спировски, додека телохранителот Илчо Теовски беше ранет.
Во истрагата беа претресени 30.850 возила, прегледани повеќе од 15.000 објекти и легитимирани повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 беа претресени, но и по години не се дозна кој е извршителот.
Глигоров беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година кога го заврши вториот претседателски мандат имаше 82 години. Почина во длабока старост на 94 години, на први јануари 2012 година.
Глигоров беше првиот претседател на независна Македонија, а нему му се препишува заслугата што земјава се отцепи по мирен пат од поранешна Југославија.