ЧЕСТИТКА ЗА 23 ОКТОМВРИ

ВМРО-ДПМНЕ: Македонија е наследство од предците, одговорност на сегашноста и аманет за идните поколенија

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

ВМРО-ДПМНЕ со честитка за 23 Октомври -Денот на македонската револуционерна борба.

,,На 23 октомври 1893 година, во тешки и неизвесни времиња, се роди Македонската револуционерна организација, која низ годините дејствувала под различни имиња, но со еден единствен код – ВМРО. Таа е сопатник и главен организатор на македонската револуционерна борба, обединувајќи ги стремежите на македонскиот народ за слобода, автономија и национално достоинство. Преку својата дејност, Организацијата е длабок белег во македонската историја и симбол на непокорот, пожртвуваноста и вековниот стремеж за сопствена држава.
Македонските револуционери ги поставија темелите на борбата за слобода, национално достоинство и право македонскиот народ сам да ја гради својата иднина, слободно да ги чува и негува своите традиции, јазик, култура и национална посебност, достоинствено и рамо до рамо со европските народи.
Овој ден е сведоштво за непокорот на еден народ, за силата на една идеја и за вековниот стремеж на Македонците да живеат слободни, свои на своето, во сопствена држава. Денешната слобода и македонската државност се обврска што ја носиме пред сите генерации што се бореле, страдале и верувале во Македонија. Наше е да ја градиме државата со чесност, знаење, труд и одговорност, да се стремиме кон правда, демократија и просперитет, да создаваме општество во кое младите ќе имаат причина да останат, да учат, да работат и да ја остваруваат својата иднина во сопствената татковина. Нека 23 Октомври биде потсетник дека единството не значи сите да размислуваме исто, туку да знаеме дека љубовта кон татковината, почитта кон нашата историја и грижата за идните поколенија се вредности што нè обединуваат. Ова е наследството што треба достоинствено да им го предадеме на идните генерации”, стои во честитката на ВМРО-ДПМНЕ по повод 23-Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

Најнови вести