ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение обвинува дека македонското правосудство е претворено во бастион на СДС и ДУИ и со сите преостанати сили се стави во служба на одбрана на нивните криминалци
Остатоците на СДС и ДУИ во правосудните органи за да ги спасат од кривична одговорност Венко Филипче, Зоран Заев и таквите како нив укинуваат пресуди, стопираат истраги, враќаат предмети на повторување на постапки. Зависно од предметот и што тоа му треба на ликот кој се гони или треба да се гони за одредено кривично дело, стои во партиското соопштение.
„За автобуската несреќа на Дурмо Турс кај Ласкарци со 16 жртви, пресудата е укината. За 14 жртви кои живи изгореа во пожарот во модуларната болница во Тетово, затворена е истрагата и обвинение за кривична одговорност за Филипче нема. Тука е запрената истрага за случајот Мазут, тежок 167 милиони евра. Сето ова не е случајност, затоа што ова е правосудниот систем воспоставен од СДС и ДУИ кој и ден денес ги штити нивните луѓе и интереси. Ова покажува дека СДС и ДУИ ја загубија власта, но нивните судии и обвинители останаа нивното последно упориште за одбрана на нивниот криминален систем што го создаваа со години“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Малкумината остатоци на СДС и ДУИ бирани во партиските штабови во Зајас и Струмица кои грчевито ги штитат од одговорност нивните поранешни државни функционери се ликови како Ислам Абази, Вилма Русковска, Добрила Кацарска, Африм Фидани.
Владејачката партија порачува дека СДС и ДУИ треба да знаат дека времето на недопирливите мора и ќе заврши, одговорност за секој според делото, ќе има.