Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост, во соработка со Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов”, Националниот сојуз на слепи и Зета – Организација за попреченост и правда, во Собранието организираше настан по повод Меѓународниот ден на белиот стап.
Националниот сојуз на слепи лица во Македонија побара воведување на факсимилот како правно признаен начин на потпишување за слепите лица, подобрување на пристапноста во јавниот простор и превозот, унапредување на личната асистенција, додатокот за попреченост, поголема дигитална пристапност и ратификација на Марокешкиот договор.
Од институциите беше истакнато дека треба да се работи на подобрување на социјалните услуги и создавање услови слепите лица и лицата со оштетен вид да се движат, да се образуваат и да учествуваат во општествениот живот самостојно и достоинствено.