Руската Централна изборна комисија ги објави првите прелиминарни резултати од парламентарните избори и изборите за гувернери во 11 региони.
Партијата Единствена Русија освои рекордни 355 пратенички места во руската Државна дума – долниот дом на парламентот кој брои 450 пратеници. На второ место по гласови е Комунистичката партија на Русија (КПРФ), а третото место го освои Либерално-демократската партија на Русија (ЛДПР). Излезноста била над 56 проценти.
Русија гласаше три дена, почнувајќи од петок, а жителите имаа можност и за онлајн гласање кое беше воведено со цел да се зголеми излезноста кај 111 милиони граѓани со право на глас.
Ова беа првите парламентарни избори во Русија во воено време, практично без опозиција и речиси сигурно ќе ја зацврстат доминацијата на Кремљ. Претседателот Владимир Путин истакна дека изборите се тест за поддршката за војната во Украина. Последниот ден од тридневните избори се одржа во момент кога украинските сили истрелаа повеќе од 1000 дронови кон Русија, вклучувајќи ја и Москва.
Властите во Киев го осудија гласањето во областите под руска контрола како нелегално и ги повикаа странските влади да не го признаваат резултатот. Европската Унија го нарече гласањето во анектираните територии „очигледно кршење на меѓународното право“.