Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека ја информирал претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за руските напади врз енергетскиот сектор на Украина, кои биле забележани по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на нападите врз енергетските објекти на двете земји.
„Секако, ја информирав за бруталните руски напади, кои непрекинато продолжуваат. Непосредно пред нашиот разговор, Русите со дрон ‘Шахед’ погодија електрана во Киев, по што дојде до прекин на електричната енергија во многу области. Подоцна беа извршени напади врз енергетски објекти во Харковската област. И сето тоа се случи по изјавата на претседателот на Соединетите Американски Држави за прекин на огнот што се однесува на енергетските објекти“, изјави Зеленски во објава на Фејсбук.
Во вакви услови како што рече Зеленски, сигурната поддршка од партнерите претставува вистинска заштита на животите и гаранција дека Русите нема да можат да ја скршат Украина.