Поради саботажи во Германија, Чешка ги засили безбедносните мерки. Зајакната е безбедноста на аеродромите, железничките и автобуските станици, а се планираат и други мерки.
Причината за потегот се инцидентите и нападите, првенствено во Германија, по откривањето на дрон со експлозиви на аеродромот во Лајпциг на почетокот на август во близина на авионот на украинската компанија „Антонов Ерлајнс”. Германските власти по истрагата, ја обвинија Русија за хибриден напад.
Неделава пак, неидентификуван објект експлодираше во близина на железничката станица во Аугсбург и беа нотирани неколку напади врз електричната инфраструктура.
Во Полска пак, премиерот Доналд Туск објави дека пожар во фабриката за дронови во градот Скаржиско-Камјена несомнено бил подметнат и дека станува збор за саботажа од Русија, бидејќи украинската армија исто така ги користи овие дронови.