Сликата „Глава на жена“ која шпанскиот уметник Пабло Пикасо ја донирал на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во среда (14 октомври) во 12 часот ќе биде повторно изложена во Музејот на современата уметност. „Пикасо: сликата на музејот“ е насловена изложбата со избор на дела од колекцијата на МСУ.
–Со текот на времето некои дела стануваат повеќе од само предмети во музејската колекција, туку тие се нејзини препознатливи знаци.
Таков статус во историјата на МСУ има делото „Глава на жена“ (1963) од Пабло Пикасо.
Насликана во период кога Пикасо веќе е централна фигура на европската и светската модерна уметност, оваа слика во Скопје добива и поинаква, локална историја.
Таа не е само дело од музејската колекција, туку и еден од визуелните симболи преку кои колекцијата, музејот и неговата специфична историја стануваат видливи пред јавноста – велат од Музејот.
Изложбата не ја поставува „Глава на жена“ само како ремек-дело кое треба повторно да се види изолирано од контекстот.
Наместо тоа, тргнува од прашањето што се случува со едно дело откако ќе стане дел од музејот, како се менува неговото значење кога од оригинална слика се распространува како репродукција, фотографија, плакат, или образовен материјал?
Како едно дело може да биде истовремено физички предмет, визуелен знак, меморија и средство за комуникација?
–Изложбата која се развива низ три меѓусебно поврзани насоки, се обидува да даде одговор на тоа како од една иконична слика повторно можат да се отворат низа други прашања и манифестации на визуелната култура – велат кураторите.
Изложбата се реализира во соработка со Амбасадата на Шпанија во Скопје и отвора можност повторно да се погледне едно од најпрепознатливите дела на МСУ, но и да се види она што обично е околу него: неговите репродукции, архивски траги, образовни екстензии, историски врски и неговите уметнички соговорници.