Од вкупно 268 востановени ловишта во Македонија, во постапка за доделување на користење остануваат уште 21.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски на свечената академија во Велес по повод 80 години од основањето на Ловечката федерација на Македонија истакна дека се заокружува системот и се утврдува одговорноста за управувањето и одржувањето на секое ловиште.
Тој нагласи дека корисниците преземаат конкретни обврски за заштита на дивечот, унапредување на живеалиштата, воспоставување на функционални ловочуварски служби и примена на високи ловностопански и еколошки стандарди.
Осврнувајќи се на осумдеценискиот јубилеј, министерот Серафимовски ја нагласи улогата на Ловечката федерација како економско-социјален партнер на Министерството, во креирањето политики за унапредување на ловството, која, обединува заедница од повеќе од 20.000 ловци.
Свечената академија по повод 80 години од основањето на Ловечката федерација на Македонија се одржа во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес. На свеченоста присуствуваа министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, претседателот на Федерацијата, Влатко Алексовски, како и претставници на ловечките друштва и здруженија, ловци и ловочувари од целата држава.