19-годишниот Б.И. од Скопје, осомничен за насилство врз дете во скопската населба Чаир, ќе остане во притвор 30 дена, одлучи Основниот кривичен суд Скопје.
Судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје за определување мерка за обезбедување присуство, по произнесувањето на осомничениот го прифатил предлогот и определил мерка притвор.
Б.И. се товари за кривичното дело „Насилство“ од член 386 став 6 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Притворот е определен поради постоење на околности предвидени во член 165 став 1 точки 1, 2 и 3 од Законот за кривичната постапка. Судот утврдил опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоци и на тој начин да ја попречи истрагата, како и опасност од повторување на кривичното дело.
Против решението, странките имаат право на жалба во рок од 24 часа до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје.
Обвинителството доцна синоќа излезе со информација дека бара притвор за 19-годишникот.
Осомничениот и неговиот малолетен брат кој е под законската граница за кривична одговорност преземале дејствија на насилство со кои на едно дете и на едно полнолетно лице им биле нанесени тешки телесни повреди со убоди од нож, а полесно било повредено уште едно дете. Во јавноста и кај присутните лица предизвикувале чувство на несигурност, загрозување, страв и вознемиреност, информираа од Обвинителството.