Основното јавно обвинителство – Куманово поведе постапка против 54- годишен маж за кривично дело загрозување на сигурноста. Мажот се заканувал дека ќе ги запали својата ќерка и внука откако во семејниот дом истурил две шишиња бензин.
Насилничкото однесување на осомничениот се повторувало и против него веќе е поднесено обвинение за телесна повреда на неговата ќерка при вршење семејно насилство под дејство на алкохол, а тој предмет е во фаза на судење. Јавното обвинителство побара мерка притвор за осомничениот.
Од Обвинителството посочуваат дека во случајот веќе се преземаат дејствија за обезбедување докази, согласно механизамот за меѓуинституционална координација во предметите поврзани со семејно насилство.
Постапката е поведена по кривична пријава од СВР Куманово, а случајот се води за кривично дело загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со ставовите 2 и 1 од Кривичниот законик.