Пратениците на СДСМ и коалицијата денеска во Собранието поднесоа интерпелација за гувернерот на Народната банка Трајко Славески, во врска со случајот со Алта банка.
Од СДСМ информираат дека со интерпелацијата бараат да се утврди политичка одговорност за постапувањето на Славески во врска со влезот на Алта банка АД Белград во тогашната Стопанска банка АД Битола.
Интерпелацијата се однесува на постапката во која, како што наведуваат од партијата, гувернерот и Народната банка дале претходна согласност Алта банка да стекне квалификувано учество во битолската банка.
Од СДСМ бараат одговори за тоа какви проверки биле направени во однос на инвеститорот, сопственичката структура и потеклото на капиталот, како биле проценети ризиците за депонентите и врз основа на кои критериуми била дадена согласност за именување на Давор Мацура во Надзорниот одбор на банката.
Дополнително, бараат Славески да одговори и за разговорите со премиерот Христијан Мицкоски во врска со влезот на Алта банка и неговите, како што ги нарекуваат од СДСМ, „консултации“.
Од партијата очекуваат Собранието да расправа по интерпелацијата и да утврди политичка одговорност, а Јавното обвинителство да постапи по веќе поднесените кривични пријави поврзани со случајот со Алта банка