„Стандард и Пурс” го потврди кредитниот рејтинг на земјата ВВ- со стабилен изглед. Во најновиот извештај, Агенцијата оценува дека годинава и следната година економскиот раст ќе изнесува околу 3,6 проценти, а двигател ќе бидат јавните инвестиции.
Агенцијата очекува економскиот раст да достигне околу 3,6 % во 2026 и 2027 година, поттикнат од високото ниво на јавни инвестиции и отпорната домашна потрошувачка и покрај негативните економски прелевања од војната на Блискиот Исток. Како клучни двигатели на растот, „Стандард и Пурс” ја издвојува забрзаната реализација на големите инфраструктурни проекти особено Коридорот VIII, кои придонеле за раст на инвестициите од над 9 проценти во првата половина на 2026 година.
„Стандард и Пурс” очекува инвестицискиот циклус да продолжи и во наредните години, при што просечниот економски раст во периодот 2027-2029 година се проектира на околу 3,3 %.
Во делот на јавните финансии, „Стандард и Пурс” очекува постепена фискална консолидација во периодот 2027- 2029 година, при што буџетскиот дефицит во просек би изнесувал околу 3,4 % од БДП.
Во извештајот се нотира и непречениот пристап на Владата до меѓународните пазари на капитал, при што се посочува издавањето на две еврообврзници од по 500 милиони евра во јануари 2026 година.
Агенцијата ја нотира и посветеноста на Владата кон процесот на европска интеграција, кој го оценува како важен двигател на структурните реформи на среден рок.
Кредитниот рејтинг на Македонија „Стандард и Пурс” го оценува двапати годишно. Рејтингот е важен индикатор за инвеститорите и меѓународните финансиски пазари при оценката на кредитниот ризик на една земја.