Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, и министерката за култура на Грција, Лина Мендони, ја посетија црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново.
Присуството на грчката министерка за култура во Курбиново има особено значење, имајќи ја предвид успешната соработка меѓу институциите од двете земји, особено придонесот на грчките експерти во реализацијата на конзерваторските активности на црквата.
Конзервацијата е реализирана со стручна поддршка од експерти од Грција, ангажирани врз основа на Меморандумот за соработка со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици, во соработка со експерти од Националната установа Завод и музеј – Битола.

На министерката Мендони и беа презентирани значењето и вредностите на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, како и културните и природните вредности на Преспанскиот Регион и значењето на неговото наследство за унапредување на соработката и поврзувањето меѓу двете земји.
Министерот Сулејмани посочи дека завршената конзервација на фрескоживописот во Курбиново претставува конкретен резултат од размената на знаења, искуства и експертиза.
Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново е значаен споменик на средновековното културно наследство и едно од највредните сведоштва на византиската уметност од XII век на територијата на земјава. Со своето исклучително културно и историско значење, црквата претставува важен дел од наследството на Преспанскиот Регион.