Завршена мерката куќен притвор за второобвинетиот во предметот „Лотарија на Македонија“, одбиен предлогот за враќање на патната исправа, извести Кривичниот суд.
Додаваат дека согласно член 470 од Законот за кривичната постапка (ЗКП), мерката притвор, односно куќен притвор, определена по поднесен обвинителен предлог, не може да трае подолго од 60 дена од денот на поднесувањето на предлогот. Па заради тоа, Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје донесе решение со кое мерката куќен притвор за А.Г. се укинува по сила на законот, со оглед на фактот што обвинителниот предлог во конкретниот предмет е поднесен на 13 август 2026 година, а воедно се прифаќа предлогот на Основното јавно обвинителство за определување мерки за претпазливост, и тоа:
Забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште,
Обврска повремено да се јавува во судот,
Забрана за приближување односно остварување контакт и врски со одредени лица.
Дополнително, против обвинетиот и натаму останува активна мерката за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за издавање нова патна исправа или друг документ за преминување на државната граница, односно Кривичниот совет постапувајќи по предлог на одбраната на обвинетиот за укинување на оваа мерка со определена гаранција, по добиено негативно мислење од надлежното јавно обвинителство, донесе решение со кое го одби предлогот на одбраната.