најавени 240 сведоци за дискотеката

Продолжуваат судењата за „Државна лотарија“ и „Пулс“

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Во Основниот Кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за предметот „Државна лотарија“ во кој се обвинети поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, и уште шест лица.

Последното рочиште се одржа на 30 октомври кога сведочеше Андреј Крстевски, советник за имплементирање проекти во АД „Државна лотарија“, кој претходно бил член на Управниот и Надзорниот одбор, како и заменик-директор на претпријатието. Тој сведочеше за начинот на донесување одлуки во претпријатието и постапката за набавка на ВЛТ-терминалите.

Одговарајќи на прашања на Обвинителството во врска со набавката на ВЛТ-терминалите, сведокот изјави дека за идејата бил информиран лично од Бајрами и додаде дека за спроведената постапка дознал непосредно по нејзиното завршување од лица што биле членови на комисии задолжени за спроведување на постапките.

Во меѓувреме, на 3 ноември Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја укина мерката притвор за Бајрами и прифати гаранција во недвижен имот во вредност од 1.140.781 евро. Покрај гаранцијата, определени му се и мерки на претпазливост, меѓу кои одземање на патната исправа и редовно јавување во судот.

Покрај Груби и Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.

Според обвинението, со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судската постапка ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.

Со изведување докази на одбраната, која има најавено 240 сведоци, во судницата во затворот „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува и судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

На претходното рочиште Јавното обвинителство истакна сериозни забелешки на трите вештачења и на директното и на вкрстеното сослушување на градежниот вештак Петре Русески, кој го има изработено градежното вештачење за првообвинетиот Дејан Јованов и уште двајца обвинети, оценувајќи дека Русески не ги исполнува законските и стручните услови, како и методолошките стандарди неопходни за едно вештачење да претставува објективно и веродостојно доказно средство.

Одбраната на обвинетата Милка Едровска, инженерка од фирмата „Венци проект“, чија документација првообвинетиот Дејан Јованов ја користел за решенија и лиценци, пак, преку сведочењето на техничкиот советник Османли Јорго отвори прашања за правната валидност на „основниот проект“ од 2012 година, тврдејќи дека станува збор за делумна документација која не била ревидирана и немала клучна улога во добивањето на лиценците.

Техничкиот советник Османли Јорго, кој го изготвил вештиот наод и мислење на барање на Едровска, пред судот истакна дека документот изготвен во 2012 година од обвинетата Едровска преку „Венци проект“ и насловен како „Основен проект“ претставува само делумна и непотполна проектна документација која ги нема сите фази предвидени со Законот за градење. Според неговиот исказ, внатрешното уредување и организација на објектот биле извршени пред изрботката на предметниот документ од Милка Едровска.

Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во изјава за медиумите реагираа на исказот на вештакот на „Венци проект“, според чие тврдење проектната документација била изработена пред реконструкцијата на „Пулс“.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Процесот започна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по катастрофалниот пожар што се случи на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.

Најнови вести