Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ работилница „ЧЕКОР ПО ЧЕКОР“ по повод Меѓународниот ден на белиот стап

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

По повод 15 Октомври – Меѓународниот ден на белиот стап, кој е посветен на подигнувањето на свеста за самостојноста, мобилноста и правата на слепите лица и лицата со оштетен вид, ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје со ДУРДМОВ „Димитар Влахов“, организира инклузивна едукативно-креативна работилница со цел преку непосредно искуство, разговор и творештво да се истакне значењето на самостојноста, ориентацијата во просторот, пристапноста и меѓусебното разбирање.

Овој ден ја нагласува важноста на белиот стап како помагало што овозможува побезбедно движење, поголема независност и активно учество во општеството.

Работилницата „ЧЕКОР ПО ЧЕКОР – БИБЛИОТЕКА ЗА СИТЕ“ ќе ја водат од ДУРДМОВ „Димитар Влахов“, а ќе бидат присутни дечиња и од ОУ „Коле Неделковски“.

Истата ќе им овозможи на децата да учествуваат во активности приспособени на нивните потреби и можности, користејќи ги допирот, слухот, говорот, тактилните материјали и сопствената имагинација.

Преку внимателно осмислени задачи, учесниците ќе истражуваат како различните сетила ни помагаат да го доживееме светот и колку е важно секој човек да има можност да се движи безбедно и самостојно.

Посебен дел од работилницата ќе биде посветен на книгата и читањето. Во рамките на активноста ќе бидат прочитани извадоци од книги отпечатени на Брајово писмо, кои се дел од фондот на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

Книгите се донација од Град Скопје, со што се дава значаен придонес кон збогатувањето на библиотечниот фонд со достапни читателски содржини за лицата со оштетен вид и кон унапредувањето на инклузивноста во културата и образованието.

Настанот ја поврзува мисијата на библиотеката како простор за знаење, култура и еднакви можности со потребата од создавање инклузивна средина во која секое дете ќе се чувствува прифатено, охрабрено и рамноправно.

Зашто светот не го доживуваме сите на ист начин, но секој заслужува да чекори низ него самостојно, безбедно и со достоинство.

Работилницата ќе се одржи на 15 октомври 2026 година, во 12:00 часот, во холот на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје

Најнови вести