19 години непребол

Тоше Проески вечно живее во нашите срца

На 16 октомври 2007 година, во сообраќајна несреќа во Хрватска, згасна животот на пејачот кој со својот глас, харизма и хуманост остави трага во музиката и во срцата на милиони луѓе.

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Денеска навршуваат 19 години од трагичната смрт на Тоше Проески, еден од најголемите музички амбасадори на Македонија и миленик на публиката на Балканот. Деветнаесет години подоцна, споменот за Тоше Проески продолжува да живее преку неговите песни и хумани дела.

Трагичната вест за неговата смрт на 16 октомври 2007 година ја потресе Македонија и регионот. По неговото заминување, Тоше постхумно беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија, а 17 октомври, денот на неговиот погреб, беше прогласен за Ден на национална жалост.

Во својата кариера, Тоше соработуваше со бројни реномирани домашни, регионални и светски музичари и автори, меѓу кои Џеф Бек, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Тони Цетински, Антонија Шола и многу други.

Покрај музичките успеси, Тоше беше познат и по својата хуманост. Во 2004 година беше прогласен за амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ.

НАСТАН ВО ЧЕСТ НА ТОШЕ ВО СПЛИТ, ХРВАТСКА

Во чест на ангелот Тоше Проески, денеска во Сплит, Далмација, ќе се одржи голем концерт, насловен „Тоше засекогаш – музика што живее”.

На сцената ќе настапи македонски симфониски оркестар под диригентство на Владимир Димовски, а најавени се и настапи на македонските пејачи: Димитар Андоновски, Стојне Николова, Бојана Скендеровски, Огнен Здравковски, Александар Тасевски, Сеид Алиовски.

Од Хрватска, земја во која Тоше испеа многу песни на хрватски јазик, ќе настапат неговите колеги: Антонија Шола, Ивана Ковач – ќерката на Мишо Ковач и Петар Драгојевиќ – внукот на Оливер Драгојевиќ, а свој настап ќе има и црногорскиот пејач Бојан Маровиќ. Од Босна и Херцеговина ќе настапи младата пејачка Илма Карахмет.

Публиката ќе слушне оркестарски верзии на познатите песни на Проески, а дел од
програмата ќе и биде посветен на македонската традиционална музика.
Организатор на концертот е Александар
Ивановски, Македонец што живее во Хрватска.

НАСТАН ВО ЧЕСТ НА ТОШЕ ВО СКОПЈЕ

Со настапи на бројни изведувачи, настанот под мотото „Тоше те сакаме сите“ ќе се одржи и во Ново Лисиче со почеток во 16 часот, на улицата што го носи неговото име. За програма е одговорен хорот и оркестарот на ООУ „Лазо Ангеловски”.

Меѓу најавените изведувачи се групите Next Time и The Crew, како и Ламбе Алабаковски, Филип Божиновски, Владимир Поповски, Тамара Волческа, Мими Јовановска, Бојана Арсовска, Дамјан Димевски и Ангела Влинтовска.

Во програмата ќе учествуваат и младите музички таленти Михаил Милошевски, Јосиф Коштрмовски, Ивана Билјана, Андреј Цаневски, Нела Манчевска, Лара Митевска, Бјанка Цорциана Дуца и Агнеса Русомарковска.

Најнови вести