Правдата е темелот на правната држава, чуварот на слободата, достоинството на секој човек и најсилниот доказ за вистинската зрелост на институциите. Без независно судство, професионално обвинителство и одговорни институции, нема правна сигурност, нема еднаквост и нема вистинска доверба.
Како министер за правда, мојата определба е да градиме правосудство во кое законот ќе биде над секој интерес, правдата нема да зависи од ничија моќ, а секој граѓанин ќе има еднакво право на заштита и правично постапување.
Ни треба судство кое одлучува независно, непристрасно и во разумен рок. Обвинителство кое постапува професионално, одлучно и неселективно. Институции што ќе ја оправдаат довербата не со зборови и ветувања, туку со конкретни резултати, интегритет и одговорност.
Довербата во правдата не се бара – таа се заслужува. Не со декларации, туку со дела. Не со ветувања, туку со резултати. Затоа, реформите нема да ги мериме само според бројот на донесени закони, туку според промените што граѓаните реално ќе ги почувствуваат: поефикасни постапки, поквалитетни одлуки, поголема правна сигурност и еднаква примена на законот за сите.
Европската иднина на државата подразбира европски стандарди во секоја институција, доследност во спроведувањето на реформите и одговорност без исклучок. Тоа не е само наша обврска на европскиот пат, туку пред сè обврска кон граѓаните и нивното право да живеат во праведна и уредена држава.
Правдата е обврска. Одговорноста е должност. Довербата се заслужува, вели министерот за правда Шасивари.