Министерски форум ЕУ - Западен Балкан

Шасивари: Корупцијата не познава граници, нејзиното сузбивање бара заедничко дејствување

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

,,Борбата против корупцијата мора да донесе конкретни резултати, одговорност и ефикасна конфискација на незаконски стекнатиот имот”, една од клучните пораки на министерот за правда, Јетон Шасивари, од Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи во Будва.

Министерот нагласи дека владеењето на правото и борбата против корупцијата се основа за демократска стабилност и доверба во институциите.

„Особено внимание посветуваме на ефикасното постапување по предметите од висока корупција, како еден од клучните показатели за ефективноста на правосудниот систем и неговата способност да обезбеди одговорност без оглед на позицијата или влијанието на сторителите“, истакна Шасивари.

Министерот Шасивари ги претстави и подготвените измени на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, новиот Закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи, како и измените на Законот за лобирање. Со овие решенија се предвидува зајакнување на контролата на имотната состојба, спречување на судирот на интереси и поголема институционална одговорност.

Покрај законските измени, министерот се осврна и на конкретните активности за зајакнување на интегритетот во правосудството. Во соработка со ОБСЕ, претседателите на основните судови од апелационите подрачја Штип, Гостивар, Битола и Скопје потпишаа политики за интегритет. Дополнително, се унапредуваат механизмите за дисциплинска одговорност и професионално постапување, додека шестиот евалуациски круг на ГРЕКО претставува дополнителна можност за проценка и подобрување на антикорупциските механизми.

Говорејќи за меѓународната соработка, Шасивари нагласи дека корупцијата не познава граници и дека нејзиното сузбивање бара заедничко дејствување, размена на информации и поефикасна соработка со европските институции, вклучително и со ЕВРОПРАВДА.

Министерот ја поздрави новата антикорупциска стратегија на Европската унија и ја истакна важноста на поддршката од Европската комисија за спроведувањето на реформите.

Најнови вести