Во последните години, начинот на кој патуваме драстично се промени. Некогаш за организирање одмор беа потребни туристички водичи, мапи, телефонски повици и часови поминати во пребарување хотели и ресторани.
Денес, голем дел од планот го прави – вештачката интелигенција. Од изборот на дестинација до последната вечера на патувањето, вештачката интелигенција постепено станува личен дигитален туристички водич.

„Имам пет дена и буџет од 500 евра – каде да одам?“
Еден од наједноставните начини за користење на вештачката интелигенција е планирањето на целото патување. Наместо само да напишете „што да посетам во Париз“, можете да внесете конкретни информации. Па така, ВИ може да предложи дневна програма, да ги групира знаменитостите според нивната близина и да предложи како најлесно да се движите меѓу нив.

Современите туристички платформи веќе користат алатки за вакви пребарувања. Booking.com, воведе можност корисниците со природен јазик да опишат каков хотел бараат, а системот автоматски да генерира.
Каде да вечераме?
Уште еден пример е изборот на ресторан. Замислете дека сте во Рим и сакате италијански ресторан, но не сакате туристичко место со високи цени. Вештачката интелигенција може да ги земе предвид локацијата, типот на храна, буџетот и преференциите, а потоа да ги понуди опциите.

Од турист до патник со „личен асистент“
Интересот за ваквата технологија расте. Истражување на Booking.com покажува дека 67 насто од испитаниците веќе користеле вештачка интелигенција во текот на патувањето, додека 62 насто ја користеле технологијата за планирање или резервирање патување.

И трендот продолжува да расте. Истражувањето на Booking.com за 2026 година, спроведено меѓу повеќе од 29.000 патници од 33 земји и територии, покажува зголемен интерес за персонализирани и технолошки поддржани патувања.
Дали вештачката интелигенција ќе го замени туристичкиот водич?
Не целосно. Вештачката интелигенција може да најде информации, да споредува опции и да креира маршрута за неколку секунди, но не може целосно да го замени човечкото искуство.
Токму затоа, иднината на туризмот најверојатно ќе биде комбинација од технологија и човечко искуство – ВИ ќе го олеснува планирањето, а патниците ќе продолжат да го создаваат вистинското доживување.