Актерот Игор Џамбазов е годинашен добитник на наградата „Васил Иљоски“ за високи достигнувања во театарската уметност од областа на комедијата.
Признанието му беше врачено синоќа на отворањето на 29. издание на фестивалот „Денови на комедијата“ во Куманово.
Џамбазов изјави дека наградата му е особено значајна бидејќи го познавал Васил Иљоски, кој бил близок пријател со неговиот дедо, актерот Петре Прличко.
Паричниот дел од наградата Џамбазов ќе го донира за лекување на девојче од Куманово со церебрална парализа.
Фестивалот ќе трае до 5 октомври, со десет претстави во натпреварувачката програма од театри од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија.