Државниот завод за ревизија ги анализираше „Ефектите на судските постапки од работен спор врз буџетот на државата“. Целта било да се оцени дали надлежните институции воспоставиле ефикасни механизми и системи за управување со работните спорови, и дали се преземаат соодветни мерки за намалување на финансиските импликации врз буџетот на државата.
Од 85 институции до кои беше доставено барање, податоци доставиле 69 институции, при што 12 од нив известиле дека во анализираниот период немале исплати по основ на работни спорови.
Ревизијата утврди дека во периодот 2020-2025 година се исплатени вкупно 3.971.570 илјади денари, односно 64.369.000 евра, по основ на судски постапки од работен спор. Од вкупно исплатените средства, 95,36% се исплатени по пат на налози за извршување, а 4,64% по пат на доброволна исплата.

Бројот на предметите во работа се зголемил од 9.361 предмет во 2021 година на 24.556 предмети во 2025 година.
Во структурата на исплатените средства, главниот долг изнесува 2.049.648 илјади денари односно околу 33.219.570 евра додека 1.921.922 илјади денари, односно околу 31.149.460 евра или се однесуваат на камати, трошоци на парнична постапка и извршни трошоци.
Според ДЗР, ваквите финансиски импликации се должат и на слабости во системот за управување со работните спорови. Постојната законска и подзаконска регулатива не обезбедува целосно усогласен и функционален систем за управување со работните спорови.
Во најголем дел од институциите не е воспоставен системски пристап за следење и анализа на причините за поведување и исходот на работните спорови, примената на алтернативните начини за нивно решавање е ограничена. Дополнително, Државното правобранителство претежно има реактивна улога, насочена кон застапување во судските постапки, без доволно развиена превентивна и советодавна функција.
Државниот завод за ревизија укажува на потребата од воспоставување ефикасен систем за управување со работните спорови, подобрување на законската рамка, унапредување на евиденцијата и аналитичкото следење на предметите, како и зајакнување на механизмите за управување со финансиските импликации врз Буџетот на државата.