Албанските безбедносни служби неутрализирале дрон со експлозив чија цел била зградата на Владата во Тирана. Информацијата ја објави албанскиот премиер Еди Рама во видеообраќање во живо на својата фејсбук-страница.
-Пред два дена, беше неутрализиран дрон со експлозиви наменет да ја погоди зградата на Владата и да го запали внатрешниот двор, истакна Рама.
Албанскиот премиер посочи дека зад овој обид за напад не стојат домашни актери или протестанти, туку надворешни фактори.
„Ниту еден студент не би помислил да го спроведе овој план, тука е вмешана странска рака“.
Во обраќањето, Рама истакна дека странски фактори стојат и зад актуелните протести во земјата, при што директно ја спомена и вмешаноста на Иран.