Од денеска на граничниот премин „Ќафасан“ стартува примената на интегрираниот граничен систем „One Stop Shop“. На настанот ќе присуствуваат премиерите на Македонија Христијан Мицкоски и на Албанија Еди Рама.
Овој систем е веќе воведен на граничните премини со Србија и Косово.
Годинава на оваа тема средба одржаа Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерката за внатрешни работи на Албанија, Албана Кочиу, на средбата одржана на 28 јануари 2026 година разговараа за унапредување на билатералната соработка, со посебен акцент на олеснувањето на граничниот сообраќај и воведувањето на системот One Stop Shop на граничните премини меѓу двете држави.
Концептот One Stop Shop предвидува заеднички гранични контроли на една локација, односно патниците и возилата да застануваат само еднаш, наместо да поминуваат низ две одделни контролни точки. На овој начин се очекува намалување на времето на чекање, подобрување на протокот на патници и возила и поефикасна координација меѓу надлежните институции.
На средбата биле разгледани можностите за примена на овој модел на граничните премини Ќафасан и Блато, како и можноста за воведување 24-часовно работно време на преминот Џепиште – Требиште.