Иранците страдаат бидејќи економската беда и внатрешната репресија „не оставаат простор луѓето да дишат“, изјави истакнатата активистка за човекови права во Иран. 54- годишната Наргес Мохамади, која ја доби Нобеловата награда за мир во 2023 година, беше привремено ослободена од затвор од медицински причини претходно оваа година откако падна во несвест и беше префрлена во болница.
Во интервју за Асошиејтед Прес, надвор од Иран, Мохамади рече дека Иранците се борат со повеќекратни кризи што произлегуваат од тековната војна и продлабочувањето на економскиот притисок.
Нејзините мемоари – насловени како „Жената никогаш не престанува да се бори“ се напишани зад решетки, а делови од нив се прокриумчарени од други затвореници. Изданијата на француски, германски и девет други јазици се објавени овој месец.
Нобеловката вели дека многу Иранци продолжуваат тивко да им се спротивставуваат на своите лидери.
„Ако излезете на улица, ќе видите бран отпор меѓу луѓето, бран на свест и нивна решеност да се залагаат за своите права“, рече Мохамади.
Промената ја поврзува со протестите од 2022 година поради смртта на Махса Амини, 22-годишна жена која почина во болница откако беше приведена поради кршење на строгиот исламски кодекс на облекување. Објавувањето на книгата на Мохамади овој месец се совпаѓа со смртта на Амини. Преводите на нејзината книга на англиски и други јазици треба да бидат објавени во септември 2027 година од истата причина.