На 20 септември почнувајќи од 11 часот, во Бифе Тафталиџе, книгата, музиката и хуманоста ќе седнат на иста маса. Идејата за настанот „Од нас, за нас“, не се родила во некоја голема сала или на свечена маса, туку токму овде, во Бифе – од разговор.
„Бато слуша еден муабет во Бифе каде што разговараме како да се помогне на едно Здружение. Абе ја имам само бркови и едно 100 книги од последната „Дремка за двајца”. Брковите ми се од ’71 година и не ги давам, ама книгиве бујрум. Така и ќе биде.” – вели Саша Шотаровски, од Бифе Тафталиџе.
Средствата од продажбата на книгата ќе бидат наменети за Мускулна Дистрофија Асоцијација Македонија, а во Бифе Тафталиџе ќе биде поставена хуманитарна кутија во која посетителите ќе можат да ги остават средствата.
Потребно е добра волја и отворено срце за да се направи нешто значајно.
Да бидеме хумани!